за македонските работи
„Остани Србин, Пишувај Кирилица!!!“ ова е слоганот на безброј плакати и билборди низ главниот град на Србија. Кога го видов ова, веднаш ми текна на паролите од сличен калибар, назад низ историјата: Главу дамо Трст недамо! Солун е Наш! итн... Обично кога ќе дојде редот на истакнувањето на ваквите пароли, веќе е КАСНО. Веќе е изгубена таа битка. А со оглед на тоа што и најтиражните дневни весници во соседна Србија се издаваат на латиница, јасно е дека големи се шансите и оваа парола да се додаде во низата на изгубени.
Кај нас се поведоа неколку иницијативи, дури ако не влегоа и во законска процедура, за надворешното рекламирање да биде со Кириличното писмо. Ама како што гледаме, ништо од таа работа. Странските компании си се рекламираат со латинично писмо. Тоа би можело да се каже и дека е во ред. Меѓутоа влијанието кое тие го имаат е несвесно, па и многу македонски единки го прифаќаат. Дали нешто би било по различно ако ги имаме Алфа Банка, ПроКредит Банка, Космофон, Германос, наместо нивните латинични еквиваленти!?!
Според мене, не. Меѓутоа некој сеуште смета дека е поефектно ако своето име или слоган ги напише на латиница. Уште повеќе, на англиски.
И тоа веќе не само во рекламни цели. Сигурно сте приметиле, на телевизија Сител кога има програма во живо, под логото стои L I V E. Која е тука ефектонста??? Да види мајка ми и да ма праша што е ова ливе?!
Не велам дека сме во којзнае каква загрозена положба. Но не сме ни во завидна, сооглед на тоа што помеѓу било кој нов странски термин и негов македонски еквивалент го избираме странскиот.
Решение е поголемо ангажирање уште во најниските години на образование. За да не дојдеме до ситуација да лепиме плакати Остани Македонец, Зборувај Македонски и Пишувај Кирилица.
No comments:
Post a Comment