01 September 2008

Отворено писмо

Почитуван Мишел Платини,

Ти се обраќам во име на Македонската нација. Тоа е онаа нација што има проблем со себе и со сите околу, а вие најмногу би можело да не знаете по проблемот со поранешните европски шампиони во фудбал, нашите јужни соседи - Грција. Се разбира постојат и други ситуации за распознавање на нашиот идентитет, како на пример златната копачка (лопата) Панчев и неговиот скоро презимењак Пандев.

Ти се обраќам со ова писмо, во својство на најголемиот спамер (трагач по правдина - преродбник) да те замолам една работа: да се соберете таму паметните глави во УЕФА и да решите натпреварите од Лига на шампиони, разни квалификациони натпревари, Купови како уефа и сл, да не се закажуваат подоцна од 18:45 (со букви - Осумнаесет часот и четириесет и пет минути - или по „америчко“ - шес и чет’рспет пи ем).

Има повеќе аргументи за ова мое барање кое се чини ќе разреши многу проблеми кои надоаѓаат, а можат да не начекаат сите нас неспремни.

1. Во светот владее енергетска криза, која кај нас се рефлектира со двоцифрена инфлација, па доколку натпреварите би почнувале најкасно до 18:45 ќе се случи голема заштеда на електрична енергија. Осветлувањето на стадионите, осветлувањето на просториите во стадионите, куќното осветлување на луѓето кои гледаат... Сето тоа вака од ракав би значело 12.847.000 евра на годишно ниво. (не се сеќирај за ова „од ракав“ - тоа е пробано кај нас и функционира)

2. Втората причина е од биоритамски аспект. Сите знаеме дека домашните првенства се играат генерално во дневни термини, цирка 15-16 часот, со ретки исклучоци за дерби натпреварите кои се играат подоцна. Затоа би било фер кон самите фудбалери да немаат многу флуктуации во термините, како и резултатите би биле поврвни.

3. Третата, а можеби и најважна причина е од наш, локален аспект. Имено ние донесовне закон со кој никој не смее да купува алкохол после 19 часот. Тоа е многу добра мерка која очекувам и вашите западно европски култури да ја прифатат - оти е одлична. Значи зборот ми е, долгата традиција на збирање по станови и гледање фудбал со пиво единствено може да биде одржана со прифаќање на ова мое барање. Барањето добива на тежина особено со навиката луѓето да се договараат и збираат непосредно пред стартот на натпреварот, кога ги реализираат и набавките на споменатите намирници во алкохолна форма. Е сега кога би останал распоредот на натпреварите како што е сега, луѓето не би можеле овој социјален момент да го запазат.

Како што спомнав, прашање на време е кога вашите земји ќе ја прифатат оваа наша преродбеничка мерка, па како не би имале и вие непријатности би ве замолил кон ова барање да одговорите позитивно во најкраток можен рок. АКА СЕГА. Уште од прво коло на Лига на шампиони, оти нашиот закон стартува денеска.


Искрено,
Г’уевски
Претседател на преродбеничката влада на Република (надалеку попозната под многу варијанти)

1 comment:

Anonymous said...

Между нами говоря, по-моему, это очевидно. Я не стану говорить на эту тему.
[url=http://mastervoda.ru/]трудовое право трудовой договор[/url]